Владата на денешната седница донела одлука за одземање на шест лиценци за одгледување канабис, информираше владината портпаролка Марија Митева на прес-конференција.
Одговарајќи на новинарско прашање, Митева појасни дека Владата разгледала информација доставена од Министерството за здравство, по што било одлучено да се одземат лиценците.
„Денеска имаше шест точки од Министерството за здравство и шест лиценци Владата денес ги одзема. За подетални информации кои се фирмите, ве молам да се обратите до Министерството за здравство каде што и практично е оваа Комисија“, изјави Митева.
Таа додаде дека според информациите со кои располага, одлуката следела по извршени проверки од страна на надлежната комисија.
„Од она што можев да го видам од информацијата која помина на Владата, станува збор за законски пропусти при извршена проверка од страна на Комисијата која е надлежна да ги провери сите услови што треба да ги поседуваат. И да, Владата донесе одлука за одземање на уште шест лиценци“, посочи Митева.
За деталите околу компаниите на кои им се одземени лиценците, како и за конкретните пропусти утврдени при контролите, од Владата упатија новинарите да се обратат до Министерството за здравство.