Во тек е организирање на нов лет за евакуација на македонски граѓани од земјите на Блискиот Исток, кој го организира Владата. Авионот е предвидено да полета од Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, а поради тоа што не постои директен воздушен договор со арапските власти, слетувањето ќе биде на аеродромот во Приштина, од каде патниците со автобуси ќе бидат пренесени до Скопје.
Според информациите, за евакуација се пријавени вкупно 153 лица. Од нив, 96 се наоѓаат во Катар, 33 во Кувајт, 15 во Бахреин и деветмина во Саудиска Арабија. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека организацијата и трошоците за летот се целосно покриени од државата.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски претходно изјави дека евакуацијата на македонските државјани од повеќе земји во регионот се спроведува координирано и дека се очекува процесот да заврши до крајот на неделата.
Во меѓувреме, вчера со лет од Дубаи беа евакуирани 150 патници, од кои 125 биле македонски државјани, додека останатите биле државјани на Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Германија, Ерменија и Црна Гора.
Според податоците на Министерството, во Обединетите Арапски Емирати во моментов се наоѓаат околу 200 македонски државјани, но тие засега не побарале евакуација.
Минатата недела на скопскиот аеродром слетаа 151 патник со лет на Flydubai од Обединетите Арапски Емирати, а на 5 март со владиниот авион беа евакуирани и шест македонски државјани од Израел преку Шарм ел-Шеик во Египет.
