Владата организираше евакуација со владиниот авион – процесот целосно координиран

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски на својот фејсбук профил информираше за текот на евакуацијата од Израел. Муцунски додаде дека безбедноста на македонските државјани е приоритет.

Според неговата објава, Министерството целосно го координирало процесот на враќање на македонските државјани од Израел. Група граѓани попладнево со владиниот авион полетале од Шарм ел-Шеик кон Скопје.

Муцунски нагласи дека станува збор за сложен процес кој барал сериозен ангажман на дипломатско-конзуларните претставништва, строго почитување на безбедносните протоколи и континуирана меѓуинституционална координација.

Дополнително, финализирана е постапката за склучување договор со компанија која во наредните денови треба да започне со реализација на летови за евакуација од останатите погодени подрачја, во соработка со надлежните дипломатско-конзуларни претставништва.

Од Министерството порачуваат дека мрежата на дипломатско-конзуларни претставништва останува на 24-часовно располагање за македонските државјани за секоја потребна помош и поддршка.