Македонија

Владин возач барал 1.500 евра мито за вработување пожарникар

Владин возач барал 1.500 евра мито за вработување пожарникар

Вработен во Службата за општи и заеднички работи на Владата, кој работел како возач на висок владин функционер, е осомничен дека побарал 1.500 евра од граѓанин за да посредува при вработување по оглас за прием на пожарникари во Град Скопје.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против осомничениот за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“, по кривична пријава поднесена од Единицата за корупција при Бирото за јавна безбедност.

Според Обвинителството, во периодот од 24 јули до 4 септември 2026 година осомничениот побарал 1.500 евра од граѓанинот, ветувајќи дека ќе го искористи своето претпоставено влијание и ќе посредува кај службени лица во Град Скопје во врска со негово вработување како пожарникар.

Случајот бил пријавен од граѓанинот, по што надлежните органи, во координација со јавниот обвинител, презеле дејствија за обезбедување докази.

На 4 септември осомничениот бил затекнат при примопредавање на 500 евра, како дел од претходно побараните 1.500 евра. Парите, според Обвинителството, претходно биле обележани.

Обвинителот побарал притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и опасност од повторување на кривичното дело. Судија на претходна постапка го прифатил предлогот и му определил притвор во траење од 30 дена.

Од Јавното обвинителство нагласуваат дека навременото пријавување корупција и соработката на граѓаните со институциите се клучни за обезбедување докази и ефикасно постапување.

Обвинителството ги повикува граѓаните да пријавуваат случаи во кои од нив се бара или им се нуди поткуп, како и случаи на сомнение за противзаконито влијание.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни