Нов текст на законот за Јавно обвинителство, со кој се предлага Специјалното јавно обвинителство да се интегрира во досегашното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, беше презентиран вчера од страна на премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата.
Премиерот Заев најави дека следната недела во Собранието ќе биде предложен новиот текст на законот за Јавно обвинителство, во кој се вградени оние точки за кои е разговарано со опозицијата и со сите пратенички групи и кои се прифатливи за сите, ако не за најголемиот број пратеници.
Со законското решение се предвидува новото СЈО да се преименува во ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција со надлежност на цела територија на земјата и гаранции за самостојно дејстување, кое одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. На чело на новото СЈО е предложена Вилма Рускоска, која во моментов го води Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција.
Сите обвинители од СЈО ќе продолжат да работат во ова ново обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат.
– Во законодавниот дом, во домот на демократијата ќе отвориме дијалог со сите политички партии и пратенички групи во Собранието, каде што е местото. Текстот што ќе биде предложен ги вградува оние точки за кои досега сме разговарале со опозицијата и со сите други пратенички групи и навистина беа барања на опозицијата, рече Заев.
Висината на средствата за работа на ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција ќе се уредува на предлог буџет и финансиски план на шефот на оваа институција, кој потоа се доставува до Министерството за финансии, а Владата и Собранието нема да можат да го менуваат предложениот финансиски план и се должни да обезбедат финансиски средства за непречена работа.
– Откако Катица Јанева ја депонираше својата оставка и денеска го предлагаме овој текст. Не гледаме избор од опозицијата да избегнува разговори и договори за ова прашање, освен ако нема намера и натаму да и нанесува штета на државата и да заштитува нечиј криминал, рече Заев.
Пресот се одржа по откажувањето на лидерската средба на која требаше да стане збор токму за законот за Јавното обвинителство, пописот и измените на Изборниот законик, со можност да се дискутира и за други прашања. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одби да дојде на лидерската со образложение дека би присуствувал само ако се разговара за предвремени парламентарни избори.
Заев нагласи дека лидерската средба е откажана, бидејќи не биле создадени услови за состанокот.
-Во мое име и во име на Владата не се прифалтиви ултиматуми, кои тргнуваат од позицијата да штитат криминал и кои ги ставаат партиски пред државните интереси. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски одбија лидерска без аргументи и без разум, додаде тој.
Во меѓувреме, паралелно со прес-конференцијата на премиерот Заев се одржа срдба на првите луѓе на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА Христијан Мицкоски и Билал Касами. По средбата двете партии излегоа со соопштенија со усогласен став дека актуелната Влада нема капацитет да ги спроведе реформите за евроинтегративни процеси, и оти затоа неопходно е организирање на предвремени парламентарни избори.
-На средбата беше посочено дека останува акутен проблем постоењето на корупција на високо ниво, отворени сомнежи за криминал на раководни структури на власта како и сериозни аномалии и отсуство на волја за воспоставување на владеење на правото и правната држава, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ
