Економскиот стандард повторно е во фокусот на политичката дебата, со спротивставени ставови меѓу власта и опозицијата околу тоа дали економијата успешно се справува со последиците од енергетската криза или граѓаните „едвај врзуваат крај со крај“.
Според премиерот, економските показатели упатуваат на подобрување. Тој посочи дека растот на бруто-домашниот производ во вториот квартал годинава изнесува „четири запирка три проценти“ и дека земјата е „во првите пет во Европа и најголем во регионот“. Воедно, оцени дека состојбата е консолидирана и од аспект на трошоците за живот и инфлацијата. „Во третиот квартал просечната инфлација кај нас е два запирка пет проценти. Било каде во соседството, дали е тоа нашиот јужен, дали е нашиот источен западен сосед, ќе забележите инфлација којашто е просечна од пет и повеќе проценти“, рече премиерот.
Од опозицијата, пак, тврдат дека реалната состојба е поинаква и дека буџетските корекции се доказ за тоа. Според нив, „втор ребаланс за два месеца“ јасно покажува каква е состојбата, а работниците, како што велат, „едвај врзуваат крај со крај“. Во нивната критика, власта е обвинета дека „им раскажува бајки“ на граѓаните, додека, според опозицијата, не се обезбедуваат доволно средства за плати, пензии и за работниците.
Опозициските претставници изнесоа и конкретни обвинувања за јавните финансии, тврдејќи дека „дупката е деветсто милиони евра“ и дека „за пензиите фалат една милијарда евра“. Според нив, станува збор за „целосен дебакл“ и за натамошно задолжување „врз грбот на народот“. Во таа насока, тие порачаа дека „за само две години Мицкоски го зголеми долгот за четири милијарди евра“, додавајќи дека тие средства не се наменети „за поголеми плати и пензии, туку за криминални тендери“.
Премиерот, од своја страна, истакна дека пред „дваесет и седум месеци Македонија одела кон амбисот“, а дека сега е „консолидирана држава и е подобро место за живеење“. Опозицијата возврати дека на граѓаните не им се потребни оценки за напредок, туку повисоки примања и покривање на секојдневните трошоци. „На работниците им треба повисока плата на сметките денеска“, порачаа од опозицијата.
Спротивставените позиции уште еднаш ја отворија дилемата дали макроекономските показатели се совпаѓаат со секојдневното искуство на граѓаните и нивниот животен стандард.