ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во нова „пресметка“ со соопштенија по најновиот број на заразени со Ковид-19 регистрирани во текот на вчерашниот ден во нашата земја.
За ВМРО-ДПМНЕ, главен виновник е Комисијата за заразни болести, и според нив потребна е нова Комисија за да се надмине кризата.
„Секој ден е нов пик, вчерашната бројка од 641 заболени е вина на Комисијата, која треба да се замени со нова Специјална комисијата од експерти
Власта и Комисијата за заштита од заразни болести немаат никаков кредибилитет и не можат да се справат со корона кризата. Секој четврти тестиран во Македонија е болен од КОВИД.
Вчерашната бројка од 641 новозаболени е доказ дека ништо од тоа што власта направи нема ефект. Секок ден е нов пик.
Комисијата за заштита од заразни болести потфрли и од првично најавуваните 2.000 заболени за цела пандемија, сега имаме 2.000 за само една недела.
Власта предлага несуштински мерки за борба против пандемијата, уште од самиот старт во март пристапот е погрешен и политикантски.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, сметаат дека опозицијата е виновна за загрозување на здравјето, со тоа што не бил донесен Законот за заштита на населението од заразни болести, поради тоа што опозицијата побара дополнително време за да го прочита.
„Од почетокот на коронакризата во земјата, од ВМРО-ДПМНЕ не видовме ништо друго освен неконструктивно делување, опструкции и критики, но сега со одолговлекување на донесувањето на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, а со тоа и новите мерки за превенција од понатамошното ширење на коронавирусот, опозицијата го покажа и своето нехумано лице и за дневно-политички поени, на коцка го става здравјето на сите граѓани.
Во време кога имаме нов бран на коронавирусот, кога се полнат болниците и расте бројот на заразени, ВМРО-ДПМНЕ како и секогаш одмага, или нема став или е спротивен на интересите на државата и на граѓаните.Колку се неодговорни и несериозни покажуваат со тоа што во Собранието побараа одлагање на точката за измена на Законот за заштита на населението од заразни болести за да се вметнат нивни предлози, и наместо тоа на крај да предложат сосема друго, формирање на паралелна специјална комисија за справување со ковид 19 па дури и формираа нивна комисија внатре во партијата.
Нивното барање за формирање на специјална Комисија е уште едно во низата деструктивни дејствувања на опозициската партија. Комисијата за заразни болести е составена од стручни, докажани професионалци во здравството и нема никаква потреба од формирање нова, паралелна комисија.“, велат од СДСМ.
.
