Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на април расчистиле вкупно 2.750 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад од диви депонии поставени на територија на сите скопски општини. Според информациите од претпријатието, најголемо количество непрописно одложен отпад било отстрането во општината Карпош.
Во истиот период, службите на претпријатието подигнале и транспортирале 14.915 тони мешан комунален отпад од домаќинствата во главниот град.
ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжило и со редовното одржување на јавната хигиена на булеварите и улиците што се под надлежност на Град Скопје. Активностите опфаќале машинско и рачно метење, како и миење на коловози, плоштади, пешачки мостови и јавни површини во централното градско подрачје.
Меѓу локациите каде се реализирале секојдневни активности се плоштадот Македонија, плоштадите Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови, тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, како и Старата скопска чаршија.
Покрај теренските активности, претпријатието спровело и едукативни настани за правилно постапување со отпадот. Во текот на април биле одржани предавања за 208 ученици во скопските училишта, а во градинката „Весели цветови“ – клон „Синоличка“ во Кисела Вода била организирана еко-манифестација по повод Денот на планетата Земја.
