Во Берово привршува рокот за поднесување проекти за подобрување на социјалните услуги. Како што информира Билјана Марковска од општина Берово, повикот е отворен до 15 октомври, а преку кој невладините организации и граѓански здруженија, аплицираат за грантови средства, што ќе се доделуваат за вршење социјални услуги на територијата на општина Берово.
-Јавниот повик е отворен како дел од таканаречениот „Проект за подобрување на социјалните услуги, преку изразување интерес за аплицирање за средства за грант и развој на социјални услуги”. Преку овој инклузивен процес, сакаме да се информираме за идеите и предлозите на граѓанскиот сектор, во сферата на обезбедување социјални услуги на локално ниво, со цел да се пружи подобра заштита и нега на граѓаните на Берово, истакна Марковска.
За таа цел, ги повикува сите заинтересирани страни (граѓански организации), да достават краток опис за услугата за која имаат интерес (проект) и вид на социјална услуга, која е наведена во Јавниот повик.
–Рокот за доставување проекти е до 15 октомври 2019 година (вторник). Проектите се доставуваат по електронски пат, до Одделението за јавни дејности, по што Општина Берово ќе ги разгледа доставените проекти и ќе организира консултативни средби со сите граѓански организации кои пројавиле интерес, односно, доставиле проект за одредена социјална услуга на територија на Берово, додава Марковска.
Грантовите ќе бидат финансирани од МТСП и ќе бидат насочени кон развој на услуги што ќе ги обезбедуваат општините или во соработка со други даватели на услуги. Средствата од грантот ќе бидат наменети за воспоставување на услугата и финансирање на услугата по корисник по утврдена цена на услугата во наредните 12 месеци.
