Во недела почнува евакуацијата на македонските граѓани од Блискиот Исток

Евакуацијата на македонските државјани кои се наоѓаат во земјите од Блискиот Исток ќе започне во недела и ќе се реализира со комерцијални чартер-летови, соопшти Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија.

Од Министерството информираа дека попладнево е склучен договор со авиокомпанија, согласно постапките предвидени со Законот за јавни набавки. Според утврдениот план, се очекува до средината на следната недела да бидат евакуирани сите македонски државјани кои изразиле подготвеност за враќање во земјата.

Процесот на евакуација се координира од Министерството во соработка со дипломатско-конзуларните претставништва во регионот. Од институцијата посочуваат дека завршувањето на постапката за јавна набавка овозможува навремена организација на летовите со цел безбедно враќање на граѓаните.

Според последните информации, до денеска Доха контактирале 150 македонски државјани, од кои 95 изразиле подготвеност за евакуација. Во меѓувреме, амбасадата во Абу Даби била контактирана од 585 лица кои престојуваат во Обединетите Арапски Емирати, како и од 36 лица во Кувајт, 15 во Бахреин и петмина во Саудиска Арабија.

Од Министерството повторно апелираат до сите македонски државјани кои се наоѓаат во регионот и имаат потреба од евакуација или друга конзуларна помош, а сè уште не стапиле во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва, тоа да го направат што е можно поскоро преку дежурните телефонски броеви на амбасадите или преку СОС-бројот на Министерството.

Техничките и организациските детали за реализацијата на летовите ќе бидат дополнително прецизирани во координација со ангажираната авиокомпанија, а граѓаните ќе бидат навремено информирани за сите следни чекори.