Македонија

Во Скопје турнир во мал фудбал во чест на загинатите бранители

Во Скопје турнир во мал фудбал во чест на загинатите бранители

Во Скопје денеска се одбележува споменот на загинатите бранители од 2001 до 2015 година, а централниот настан се одржува во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде што се реализира турнир во мал фудбал во чест на припадниците на безбедносните сили на Македонија. Од настанот беше упатена јасна порака дека жртвите „никогаш нема да се заборават“.

Турнирот го отворија министерот за одбрана Владо Мисаиловски, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и организаторите на манифестацијата. Во обраќањето, Мисаиловски порача дека споменот на загинатите бранители треба да го негуваат и младите генерации. „Младите генерации треба да го гледаат сето ова. Вие треба да пренесете една порака до сите граѓани дека секој еден што го дал животот за Македонија, дека секоја една генерација треба да го слави“, рече Мисаиловски. Тој додаде дека „сите овие луѓе што го дали животот за Македонија, тоа се хероите на државата“.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, истакна дека жртвата на бранителите за државата нема да биде заборавена. Според него, тие во клучните моменти за државата „не прашуваа колку е тешко, туку колку е потребно“. Во своето обраќање Јанев нагласи дека собирот не е само за сеќавање, туку и за оддавање почит кон нивните дела и наследството што го оставиле.

„Овде денеска не сме само да се собереме и да се сеќаваме на нивниот спомен, туку овде сме да оддадеме почит и за нивните дела“, рече Јанев. Тој посочи и дека зад нив „не стојат само обични имиња и презимиња“ и „не стои само полициската или воената униформа“, туку цели животи, роднини, пријателства и спомени, поради што, како што рече, постои „силна обврска тој спомен да го почитуваме“.

На настанот се обрати и претседателот на Здружението на хероите на Македонија од 2001 и 2015 година, Стојановски. Тој истакна дека несебичната жртва на овие херои за државата „вечно ќе живеат во колективната свест на Македонците“ и најави дека во нивна чест секоја година ќе се организираат вакви спортски манифестации. Во својата изјава посочи дека „хероите не умираат“, но дека нивната загуба се чувствува и кај семејствата и кај институциите.

Според пораките од настанот, турнирот во мал фудбал не е само спортска манифестација, туку и начин за оддавање почит и зачувување на споменот на загинатите бранители.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни