Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, соопшти дека интензивно се работи на пополнување на испразнетите позиции во дипломатско-конзуларните претставништва. На една од изминатите владини седници веќе е помината поголема група кандидати за нови амбасадори и генерални конзули, за кои во моментов се чекаат соодветните согласности, односно агремани од државите каде што треба да бидат упатени.
Иако процедурата е во тек, Муцунски појасни дека имињата на кандидатите сè уште не можат да бидат јавно објавени поради класифицираната природа на постапката. Тој нагласи дека во градовите каде што мандатите на претходните шефови се завршени, дипломатските активности ги водат вршители на должност, кои се избрани од редот на најискусните вработени во Министерството.
Како клучна карактеристика на овој процес, министерот го посочи фактот дека над 60 проценти од новите кандидати се кариерни дипломати со преку две децении стаж во ресорот. Според него, ваквиот пристап е во насока на заложбите за професионализација на македонската дипломатска мрежа и целосно спроведување на законските измени за надворешни работи.
