Наскоро во Виница ќе профункционираат мешани патроли за контролирање на малолетните лица во текот на вечерните часови, за превентивно да се дејствува во намалувањето на девијантните однесувања и нарушувањето на јавниот ред и мир.
Ова е една од активностите што беше договорена на работната средба во локалната самоуправа меѓу градоначалникот Ивица Димитров и неговите соработници со претставници од СВР – Штип и од Полициската станица – Виница, а за што повод беше актуелната безбедносна состојба во општината.
– Во функција ќе биде ставен новоформираниот Локален совет за превенција што треба да помогне во детектирањето на сите пропусти и проблеми во делот на безбедноста, посебно меѓу младите и малолетните лица. Ќе воведеме мешани патроли, во кои освен полициски службеници ќе има и претставници од локалната самоуправа и од советите на родители во училиштата. Ќе организираме состаноци со членови на урбаните и месните заедници, а пред почетокот на учебната година ќе се одржат средби со учениците во основно и средно образование со кои ќе се разговара за подобрување на сообраќајната култура и нивната безбедност при доаѓање и заминување од училиште, истакна градоначалникот Димитров.
Локалниот совет за превенција во Виница ќе почне со работа кон крајот на идниот месец, за што веќе е изготвен и план за работа, а на состанокот во општината, претставниците од СВР – Штип апелираа за активно преземање мерки за подобрување на безбедноста на улиците во градот и населените места.
Поради зголемената фреквенција на возила и други учесници во сообраќајот, како и евидентираниот пораст на прекршоци на законските прописи, препорачано беше во наредниот период да се преземат засилени теренски контроли со изрекување соодветни санкции кон прекршителите.
