Македонија

Водата во Гостивар не смее да се користи, потсетува Институтот за јавно здравје

Водата во Гостивар не смее да се користи, потсетува Институтот за јавно здравје

До укинување на забраната, водата од гостиварскиот градски водовод не смее да се користи за пиење, ниту по превривање, освен ако надлежните институции не дадат поинаква препорака. На ова потсети Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), откако Агенцијата за храна и ветеринарство на 17 јули издаде забрана поради основано сомневање дека водата е загадена и небезбедна за употреба.

Граѓаните се повикуваат да ги почитуваат мерките сè до официјално известување дека водата е повторно безбедна. Со навремено следење на препораките значително се намалува ризикот од појава и ширење на болести што се пренесуваат преку вода. Особено внимание е потребно за доенчиња и мали деца, бремени жени, постари лица и лица со хронични заболувања и ослабен имунитет.

За пиење и подготовка на храна не користете вода од градскиот водовод. Доколку имате пристап до фабрички пакувана вода, обезбедете најмалку четири литри по лице дневно. Не користете водоводна вода за миење свежо овошје и зеленчук, подготовка на мраз, сокови, кафе, чај и други пијалаци, ниту за приготвување храна за доенчиња.

Рацете мијте ги често со сапун и безбедна вода, по можност пакувана, особено пред подготовка и консумирање храна, по користење тоалет, по менување пелени и по контакт со заболени лица. Ако нема безбедна вода и рацете не се видливо извалкани, може да се користи средство за дезинфекција на база на алкохол. За миење заби користете исклучиво безбедна вода. За туширање и капење користете пакувана или превриена вода и внимавајте да не ја голтате; ако нема безбедна вода, привремено користете влажни марамчиња или крпи за еднократна употреба.

При подготовка на храна, применувајте темелна термичка обработка и избегнувајте јадења што не се готват кога нема безбедна вода. По можност користете еднократни чинии и прибор за јадење за да се избегне миење.

Во угостителските објекти не смее да се користи водоводна вода за подготовка на пијалаци, за миење овошје и зеленчук и за готвење; дозволена е само безбедна, фабрички пакувана вода, а машините за мраз да не се користат. Во детските градинки, децата треба да пијат исклучиво безбедна вода, да не се полнат шишиња од чешма, а храната да се подготвува само со безбедна вода.

Доколку се појават симптоми како дијареја, повраќање, гадење, стомачни грчеви, покачена температура, слабост и знаци на дехидратација како силна жед, сува уста, намалено мокрење и омалаксаност, веднаш обратете се кај матичен лекар или во најблиската здравствена установа, со посебна внимателност кај ризичните групи.

Небезбедната вода може да биде извор на бактериски, вирусни и паразитарни инфекции што предизвикуваат гастроентеритиси. За намалување на ризикот, користете само безбедна вода за пиење и подготовка на храна, редовно мијте раце, одделувајте сурова од термички обработена храна, чувајте ја храната на соодветна температура, одржувајте хигиена во кујната и не споделувајте чаши и прибор за јадење со лица со симптоми на стомачна инфекција.

Граѓаните треба редовно да ги следат известувањата од Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје, Министерството за здравство и Агенцијата за храна и ветеринарство. Водоводната вода ќе може повторно да се користи за пиење само по официјално соопштение дека забраната е укината и дека водата е безбедна.

По укинување на забраната, пуштете ја водата да тече од пет до десет минути, испразнете и исчистете ги апаратите за вода, исфрлете го мразот направен за време на забраната и заменете ги филтрите доколку тоа го препорачува производителот.

Според Клековски, во Гостивар нема да се прогласи епидемија сè додека не се утврди причината за загадувањето.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни