Над 1.500 украдени пристапни акредитиви биле понудени преку нелегалниот онлајн пазар „OLVX“, чиј администратор е откриен во заедничка истрага на Министерството за внатрешни работи и американското Федерално истражно биро (ФБИ). По истрагата, кривична пријава е поднесена против 20-годишниот Е.А. од Голема Речица, Тетовско.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР до Основното јавно обвинителство Тетово поднел пријава против него поради сомнение за сторени кривични дела „компјутерска измама“, „злоупотреба на лични податоци“ и „производство и дистрибуција на детска порнографија“.
Истрагата започнала по добиени информации од ФБИ, по што двете институции спровеле координирани активности за откривање и сузбивање на криминалот поврзан со платформата „OLVX“.
Според доказите обезбедени во истрагата, пријавениот од 2023 до 2025 година администрирал домени и веб-страници поврзани со оваа платформа. Таа функционирала како нелегален пазар на кој се продавале украдени дигитални податоци, софтверски алатки и услуги наменети за извршување кривични дела.
Корисници на платформата биле сајбер-криминалци кои купувале и продавале лични податоци и пристапни акредитиви за кориснички сметки и компјутерски мрежи на жртви. За време на функционирањето на „OLVX“ биле понудени повеќе од 1.500 украдени пристапни акредитиви.
Дополнително, истрагата утврдила дека во периодот од 2025 до 2026 година пријавениот администрирал и нелегална онлајн-група под името „ONEMILI“ на апликацијата „Телеграм“. Преку неа биле нудени услуги и софтверски алатки за компјутерски криминал, меѓу кои и измами поврзани со незаконско враќање парични средства.
Од МВР информираат и дека биле обезбедени докази оти пријавениот преку „Телеграм“ набавувал и поседувал материјали со сексуална злоупотреба на деца.
Според Министерството, операцијата е прва заедничка координирана сајбер-операција меѓу МВР и ФБИ. Таа ја нагласува важноста на меѓународната полициска соработка во откривањето и спречувањето на современите форми на компјутерски криминал.
Од МВР посочуваат дека и натаму ќе работат на сузбивање на сајбер-криминалот, заштита на личните податоци и зајакнување на безбедноста на граѓаните во дигиталниот простор.