Македонија

За помалку од три дена собрани 15.000 потписи за електронско следење на насилниците

За помалку од три дена собрани 15.000 потписи за електронско следење на насилниците

Голем интерес кај граѓаните предизвика иницијативата за воведување електронски нараквици за следење на сторителите на семејно насилство. За помалку од 72 часа, петицијата ја потпишале 15.000 граѓани, што е повеќе од потребните 10.000 потписи предвидени за иницијативата за распишување референдум.

Предлогот предвидува сторителите на насилство да носат електронски уреди за следење на нивното движење. Доколку се приближат до жртвата на помало растојание од законски утврденото, таа би добила предупредување, а надлежните институции би биле автоматски алармирани.

Мерката е наменета пред сè за заштита на жртвите кои веќе пријавиле насилство и за кои се изречени забрани за приближување. Со електронскиот надзор би се овозможила побрза реакција при прекршување на овие мерки.

Зголемениот одѕив за петицијата доаѓа по серијата случаи на насилство врз жените, меѓу кои и неодамнешното убиство на 17-годишната Билјана Ќириќ од Богданци. Овие настани повторно го отворија прашањето за ефикасноста на институционалната заштита и потребата од конкретни механизми за спречување на фемицидите.

Иницијативата ја покрена пратеничката Моника Зајкова, а на 8 ноември во Скопје се одржа и протестен марш против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста. Учесниците побараа поголема одговорност од институциите и посилна заштита за жртвите на насилство.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни