Утре, за време на одржувањето на предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, Подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Тетово ќе биде отворена од 07:00 до 19:00 часот, со цел граѓаните да можат да пријават каква било повреда на нивното избирачко право.
Покрај личното пријавување во канцеларијата, граѓаните ќе можат да пријават неправилности и прекршувања и на телефонскиот број 044 344-082.
„Народниот правобранител ќе ги штити правата на граѓаните со преземање итни мерки за ефективно постапување од страна на надлежните органи во изборниот процес и сите други институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права“, се наведува во соопштението од оваа институција.
Од оваа институција уште еднаш потсетуваат дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Никој не смее да биде повикан на одговорност за остварувањето на ова право, а сите обиди за повреда на слободата на определување на избирачите, како и сите други повреди на гласачкото право, претставуваат казниви дела.