По официјалното вето на Бугарија, нејасно е зошто источниот сосед не блокира на патот на Европската унија, ова вчера во магазинот Клик плус на ТВ21 го изјави премиерот Зоран Заев. Изминатиов период и Захариева и Каракачанов постојано повторуваа дека Македонија не го почитува Договорот за добрососедство, но, како што истакна Заев, никој не кажа точно каде ние го прекршуваме Договорот. Сепак вели тој, преговорите продолжуваат, а шанси се уште имаме.
„Има решение, не бараме никој да потврди дека згрешил или не знам нешто… Не. Добивме повторно шанса од Советот на министри уште одреден период да се разговара на ова прашање, тоа треба да го знаат сите. Ќе се разговара на ова прашање, апелирам до мојот народ, до нашиот народ да се воздржиме. Гори, боли, знам. Но ние друга алтернатива немаме.“, рече Заев.
Запрашан за тоа дали за македонскиот јазик и идентитетот, кои се клучни барања на Бугарија, може да се попушти во текот на преговорите. Заев категорично ја отфрла таквата можност.
„Не. Не постои. Дури и Заев да не е на тоа место, не постои. Прво сме сите единствени во државата по ова прашање. И нема дилеми. Успехот наш на Преспанскиот договор беше идентитетот, нашиот македонски идентитет, сега запишан во личната карта на Обединетите нации. Прво што? Со еден договор ќе срушиме други договор? Второ, тоа не е цел на преговори за тоа никаде во светот не се преговара ниту пак кај нас се преговара.“, рече Заев.
За барањето на опозицијата тој да си поднесе оставка поради неуспешните преговори, Заев вели дека нема намера тоа да го направи, како и тоа дека нема да прифати лидерска средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. На ова Мицкоски преку соопштение го обвини Заев за скриена агенда со преговорите со Бугарија.
„Зоран Заев повеќе сакал да се види со премиерот на Владата на нашиот источен сосед, наместо лидерска средба и сите заедно да постигнеме национален и државен консензус со заштитени национални и државни интереси, а потоа да настапиме со аргументи во разговорите за клучните прашања со соседна Бугарија. Можам да го разберам Зоран Заев зошто бега од лидерска средба. Тој е политичар со концесии, а јас концесии немам.“, е ставот на Мицкоски.
Германскиот министер за Европа Михаел Рот кој претседаваше со вчерашниот министерски состанок рече дека сите делегации ја изразиле нивната поддршка за успешно затворање на преговарачката рамка освен Бугарија. Тој сепак, изрази надеж дека се уште има простор за напредок во дијалогот меѓу Македонија и Бугарија.
.
