По повод трагичниот настан што се случи на 1 јануари во Цетиње, премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ за денеска закажа вонредна седница на Советот за национална безбедност.
Од Владата најавија дека Советот ќе се фокусира на клучните предизвици во откривањето и одземањето на нелегалното оружје и ќе предложи низа мерки насочени кон борба против криминалот и заштита на граѓаните.
„ На дневен ред ќе биде иницијатива за спроведување итни дејствија во сите градови на Црна Гора за откривање и одземање на нелегалното оружје, како и објавување јавен конкурс за регрутирање нови полициски службеници со цел зајакнување на капацитетот на безбедносните институции “, соопшти Владата.
Се додава дека ќе се разгледа и досегашното ниво на имплементација на законските одредби, со посебен акцент на неопходноста од донесување нов Закон за оружје.
Со оваа регулатива се планираат поригорозни контроли и построги услови за издавање дозволи за чување и носење кратко огнено оружје“, се вели во соопштението.
Советот за национална безбедност потсетува дека заштитата на животот и имотот е основна обврска на сите надлежни органи и очекува, додаваат, целосна соработка на граѓаните и институциите.
Седницата ќе се одржи денеска со почеток во 14 часот, по што ќе бидат соопштени заклучоците и натамошните чекори во насока на заштита на безбедноста на граѓаните.
На седницата на покана на Советот ќе присуствуваат и Врховниот државен обвинител Милорад Марковиќ и главниот специјален обвинител Владимир Нововиќ.
