Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека се преземаат засилени активности за уредување и подобрување на условите на Водно, во пресрет на периодот кога значително се зголемува посетеноста на оваа парк-шума.
Според објавата, веќе неколку дена на терен се спроведува акција за кастрење на нараснатата вегетација, како и уредување на велосипедските патеки. Патеките се прошируваат на ширина од 2,5 до 3 метри и опфаќаат должина од околу пет километри, со што се очекува подобрување на безбедноста и удобноста за посетителите.
Дополнително, до ЈП Паркови и зеленило е издаден налог за целосна реконструкција на урбаната опрема. Во рамки на оваа активност ќе се обновуваат клупите, кантите за отпадоци, мостчињата и патеките, со цел Водно да добие поуреден и функционален изглед.
Во насока на зголемување на безбедноста, најавена е и соработка со Црвен крст, при што во текот на летниот период на Водно ќе има континуирано присуство на спасители-волонтери, подготвени да интервенираат во случај на потреба.
Од Градот посочуваат дека активностите ги реализираат екипи од јавните претпријатија, кои секојдневно работат на одржување, уредување и заштита на просторот, со зголемен интензитет токму во овој период.
Целта, како што се наведува, е Водно да остане едно од најзначајните природни богатства и омилено место за рекреација на граѓаните.
