Македонија

Здружението „16 март“ по денешното рочиште за „Пулс“: Ако знаеле за неправилностите, зошто не постапиле?

Здружението „16 март“ по денешното рочиште за „Пулс“: Ако знаеле за неправилностите, зошто не постапиле?
ФОТО: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Прашањата што обвинетите денеска им ги поставувале на вештаците отвораат дополнителни прашања за тоа колку биле запознаени со состојбите и евентуалните неправилности во клубот „Пулс“, оценува Здружението „16 март“.

Од здружението велат дека начинот на кој се одвива испрашувањето на вештаците, според нив, покажува дека обвинетите детално ги познавале аномалиите, пропустите и ризиците поврзани со работењето на објектот.

„И токму тука се наметнува суштинското прашање: ако знаеле – зошто не постапиле?“, прашуваат од „16 март“.

Според здружението, судот треба да утврди кој бил запознаен со состојбите, што точно знаел, од кога имал сознанија за евентуалните ризици и дали и зошто не презел соодветни мерки во рамки на своите надлежности.

Од „16 март“ посочуваат дека, доколку доказите во постапката покажат дека опасностите им биле познати на обвинетите, а тие свесно не презеле ништо, тогаш, според нив, се отвора прашањето за евентуално свесно непостапување и степенот на кривичната одговорност.

„Не може денес детално да ги набројувате пропустите, опасностите и неправилностите, а истовремено да тврдите дека со години не сте имале причина да реагирате“, наведуваат од здружението.

Тие додаваат дека одговорот на прашањето за тоа кој знаел и кога знаел не може да се избегне само со испрашување на вештаците.

„Затоа што 63 човечки животи се цената на тоа непостапување“, порачуваат од Здружението „16 март“.

Станува збор за став на здружението поврзан со текот на судската постапка за трагедијата во „Пулс“, додека конечната оценка за одговорноста на обвинетите е во надлежност на судот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни