Цените на дел од основните прехранбени производи бележат пораст, при што најголемо зголемување е забележано кај зеленчукот, маслото за јадење и јајцата, кои поскапеле во просек за околу 10 отсто. Ова го покажува најновиот извештај на Државен пазарен инспекторат.
Анализата е направена врз основа на споредба на цените на 55 производи во четири големи трговски синџири – „Зур“, „Кипер“, „КАМ“ и „Веро“, при што се споредени податоците од 1 февруари и 1 април.
Според извештајот, вкупното зголемување на цените на анализираната кошничка изнесува околу 0,4 отсто, што укажува на релативно стабилно движење на цените на агрегатно ниво, и покрај поскапувањата кај одредени категории.
„Анализирајќи ги синџирите на маркети и цените на 55 производи, дојдовме до заклучок дека просечното зголемување е околу 0,4 отсто. Сепак, кај одредени производи има зголемувања и над 10 отсто“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека профитните маржи на трговците се благо намалени, од нешто над 15 отсто на 14,7 отсто, според владините пресметки, иако трговските синџири имаат различни методологии за пресметка.
Во анализата се наведува и дека учеството на транспортните трошоци во крајната цена е релативно ниско и изнесува од 1 до 2 отсто, додека состојбата со нафтените деривати останува стабилна, без значајни потреси на пазарот.
