Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска го покани словачкиот премиер Роберт Фицо да го посети Киев во петок, како одговор на претходниот повик на Фицо за разговори за транзит на руски гас.
– Во ред. Дојдете во петок во Киев – напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс, пренесе Ројтерс.
Претходно денеска Фицо го покани Зеленски да разговара за транзитот на руски гас преку територијата на Украина, кој беше прекинат на 1 јануари.
„Таков состанок ќе создаде добра основа за отворена дискусија за испорака на гас за Словачка и други земји преку украинска територија“, рече Фицо во отвореното писмо до Зеленски.
Од 1 јануари годинава рускиот гас повеќе не тече низ Украина до земјите од Европската унија, бидејќи истече петгодишниот договор за снабдување, кој не беше обновен, по што започна спорот меѓу двете земји.
Фицо потсети дека, доколку ситуацијата не се промени во рок од неколку недели, тој ќе иницира реципрочни мерки против Украина, вклучително и запирање на снабдувањето со електрична енергија за Украина, запирање на хуманитарната помош, па дури и ставање вето на понатамошната помош за Украина од ЕУ.