Руските сили го „уништија“ градот Бахмут во источна Украина, изјави претседателот Володимир Зеленски, откако украинската армија денеска објави воздушни напади во области кои Москва се обидува да ги заземе со месеци, објави Асошиетед прес.
Последните борби во повеќе од деветмесечната руска војна во Украина се фокусираа на четирите региони кои рускиот претседател Владимир Путин ги анектираше кон крајот на септември преку референдуми чиј легитимитет не беше признаен од голем број земји. Борбите ја покажуваат желбата на Русија да воспостави контрола над нив и упорноста на Украина да ги врати назад, забележува АП.
Според Зеленски, ситуацијата „останува многу тешка“ во неколку градови на фронтот во огромниот индустриски регион Донбас, кој ги опфаќа регионите Доњецк и Луганск.
„Бахмут, Соледар, Маринка, Кремина. Долго време не остана населено место во овие области што не беше оштетено од гранати и пожари“, рече Зеленски во своето видео обраќање синоќа, наведувајќи ги градовите кои повторно беа цел на напад. . „Окупаторите всушност го уништија Бахмут, друг град во Донбас кој руската армија го претвори во изгорени урнатини“, рече тој.
Зеленски не прецизираше што мисли под „уништени“, бидејќи некои згради останаа, а жителите се уште се движат низ улиците на градот, посочува АП.
Генералштабот на украинската војска извести дека вчера и денеска руските сили извршиле околу 20 воздушни напади и повеќе од 60 ракетни напади, вклучително и крстосувачки ракети.
Портпаролот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Олександр Ступун изјави дека најактивните борби се водат во регионот Бахмут, каде се гранатирани повеќе од 20 населени места. Тој објави дека украинските сили ги одбиле руските напади во Доњецк и соседен Луганск.