Украина го врза своето учество на ноемврискиот самит на земјите од Г-20 со ситуацијата на бојното поле во дадениот момент, како и со тоа дали ќе учествува и Русија, јави ДПА.
„Нашето учество ќе зависи од тоа дали Русија ќе биде таму“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесе агенцијата Интерфакс-Украина.
Индонезискиот претседател Јоко Видодо, домаќин на самитот, упати покана до Зеленски за време на посетата на Киев минатата недела, како дел од обидот да посредува меѓу Русија и Украина.
„Му реков на индонезискиот претседател дека сме благодарни за поканата, но имаме безбедносна ситуација“, рече Зеленски и изрази сомневање дека многу земји нема да учествуваат на состанокот доколку Русија има намера да присуствува на него.
Доколку руските сили извршат повеќе злосторства врз украинските граѓани, како што се егзекуциите во киевското предградие Буча, Москва очекува „целосна изолација“, предупреди Зеленски.
Едно од главните прашања на агендата на ноемврискиот состанок на Бали најверојатно ќе биде глобалната безбедност на храната во контекст на војната во Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин сигнализираше дека има намера да присуствува на форумот на Г20, но не е јасно дали тоа ќе го направи лично или преку видео-конференција.
Состанокот на Г-20 е меѓувладин форум кој ги обединува 20-те најголеми светски економии.