Македонија

Жена од Росоман е 11-тата жртва на западнонилска треска во Македонија – вкупно 71 заразен

Жена од Росоман е 11-тата жртва на западнонилска треска во Македонија – вкупно 71 заразен

Жена од Росоман е единаесеттата жртва на западнонилската треска во Македонија од почетокот на годинава. Според најновиот неделен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), заклучно со 13 октомври се регистрирани вкупно 71 случај на заболувањето, од кои 66 се лабораториски потврдени, а пет се водат како веројатни.

Во периодот од 7 до 13 октомври не биле пријавени нови случаи на зараза, но е регистриран еден смртен исход кај претходно заболено лице од Росоман.

Од вкупно 11 починати пациенти, десет се мажи, а една е жена. Нивната просечна возраст изнесува 71 година, при што најмладиот починат имал 62, а најстариот 83 години. Кај десетмина биле регистрирани и други хронични заболувања.

Сите смртни случаи се регистрирани кај пациенти со тешка, невроинвазивна форма на западнонилската треска. Деветмина од починатите се од Скопје, а по едно лице од Куманово и Росоман.

Речиси 90 проценти од заразените се од Скопскиот регион

Најголем број случаи се регистрирани во Скопје и околните општини, вкупно 63, што претставува речиси 89 проценти од сите заболени во државата.

Три случаи се евидентирани во Велес и Чашка, два во регионот на Кавадарци, а по еден во Куманово, Свети Николе и Тетово.

Поради зголемениот број заболени, на 11 август Центарот за јавно здравје – Скопје прогласи епидемија на западнонилска треска на подрачјето на општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел.

Според епидемиолошките податоци, 70 од заразените се класифицирани како автохтони случаи, додека едно лице имало историја на патување во Грција, но во периодот кога можело да се зарази престојувало и во Македонија.

Само двајца пациенти остануваат на болничко лекување

Од почетокот на годината, 69 заболени развиле невроинвазивна форма на болеста и биле хоспитализирани. Најголемиот дел, односно 67 пациенти, се лекувале на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

Според ИЈЗ, досега од болниците се испишани 56 пациенти, двајца сè уште се лекуваат, додека 11 лица починале. Просечното времетраење на болничкото лекување кај испишаните и починатите пациенти изнесувало 15 дена.

Најголемиот бран на заболувањето бил регистриран во август, кога кај 39 лица се појавиле првите симптоми.

Иако во последната недела нема нови пријавени случаи, здравствените власти нагласуваат дека е потребно да продолжат епидемиолошкиот надзор, контролата на комарците и превентивните мерки за заштита на населението.

Западнонилската треска е вирусно заболување што се пренесува преку убод од заразен комарец. Кај дел од заразените инфекцијата може да предизвика сериозни невролошки компликации, особено кај повозрасните лица и пациентите со хронични заболувања.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Марина Малиш Саздовска 13.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни