Дел од граѓаните кои очекуваа поврат на средства преку мерката „МојДДВ“ за последниот квартал од 2025 година сѐ уште немаат добиено исплата на своите трансакциски сметки, иако рокот за реализација на повратот истече на крајот на минатиот месец.
Според податоците, повеќе од 526 илјади граѓани требаше да добијат дел од платениот данок на додадена вредност. Иако значителен број корисници веќе ги добиле средствата, има и такви кои сè уште чекаат исплата, што предизвика реакции и прашања во јавноста.
Од Управата за јавни приходи информираат дека налозите за исплата се испратени, додека од Министерството за финансии за „Слободен печат“ посочуваат дека сите налози што пристигнале до нив се реализирани. Сепак, и покрај овие тврдења, дел од граѓаните сè уште немаат добиено средства на своите сметки.
Од Министерството за финансии објаснуваат дека исплатите се вршат континуирано и зависат од динамиката со која буџетските корисници ги доставуваат налозите до Трезорот. Според нив, сите пристигнати налози што се однесуваат на поврат на „МојДДВ“ за четвртиот квартал од 2025 година се веќе исплатени, при што вкупната сума достигнала 919,2 милиони денари.
Системот за враќање на дел од данокот на додадена вредност за физички лица беше воведен во 2019 година и предвидува пресметка и исплата на квартално ниво. Вообичаено, средствата треба да им бидат исплатени на граѓаните во рок од 60 дена по завршувањето на кварталот за кој се однесува повратот.
Според овие рокови, исплатата за последниот квартал од 2025 година требаше да се реализира најдоцна до 27 февруари. Ова е втор случај на доцнење на исплатата од воведувањето на системот.
Преку апликацијата „МојДДВ“, граѓаните добиваат поврат од 15 проценти од пресметаниот ДДВ од фискалните сметки што ги скенираат. Максималниот износ што може да се добие е 2.100 денари по квартал, односно до 8.400 денари на годишно ниво.
Официјалните податоци покажуваат дека во текот на 2025 година на граѓаните им биле исплатени околу 3,47 милијарди денари, односно повеќе од 56 милиони евра по основ на поврат на ДДВ преку оваа мерка.
Од Управата за јавни приходи и претходно посочуваа дека во одредени случаи доцнењето на исплатата може да се должи и на неточни или неажурирани податоци за трансакциските сметки во апликацијата, поради што апелираат корисниците редовно да ги проверуваат и ажурираат своите информации.
