Шпанија е меѓу земјите кои папата Франциск, додека беше на таа функција, никогаш не ги посети, и покрај бројните покани упатени од администрацијата на премиерот Педро Санчез, како и од кралското семејство, пренесуваат денес шпанските медиуми.
Папата Франциск никогаш јавно не ги наведе причините за непосетувањето на Шпанија, пренесе шпанската РТВЕ.
Шпанската телевизија наведува дека имало многу области во кои владата на Санчез и папата Франциск имале слични ставови, меѓу кои се хуманитарни прашања, социјална правда, прераспределба на богатството, права на малцинствата, но дека две прашања ги заостриле односите меѓу извршната власт и Ватикан – сексуалната злоупотреба во Црквата, по истрагата што ја спроведе шпанскиот омбудсман, и ексхумацијата на телото на диктаторот Франциско Франко.
Во интервју од јули 2020 година, Санчез изјавил дека папата „помогнал“ на владата во ексхумацијата на телото на Франко, по што Светата столица појаснила дека тоа прашање не е „во нејзина надлежност“ и дека е потребно „почитување на законот“.
Тогашната шпанска власт уверувала дека постои договор со Ватикан Франко да не биде закопан во катедралата Алмудена, што Ватикан го демантирал, ставајќи до знаење дека одлуката за ексхумацијата се однесува на семејството на диктаторот, владата и локалната црква.
Моментот на најголема тензија настапил во 2019 година, кога тогашниот папски нунциј Ренцо Фратини поднел оставка, како што е вообичаено, кога наполнил 75 години, и изјавил дека шпанската влада со својот проект за ексхумација го „воскреснала“ диктаторот, по што шпанската влада испратила официјална жалба до Ватикан, осудувајќи го „мешањето“.
Светата столица се оградила од неговите изјави и навела дека го почитува „суверенитетот на шпанската држава и нејзиниот правен систем“.
Папата Франциск почина во понеделникот на 89-годишна возраст, а директорот на Управата за здравство и хигиена на Ватикан, Андреа Арканџели, соопшти дека папата починал како резултат на мозочен удар и срцева слабост.