112-та седница на Владата: 2. јануари е неработен ден за државната администрација

На денешната 112-та седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за најавата од Европската Унија за воведување на конечни заштитни мерки за челични производи и го задолжи Секретаријатот за европски прашања, во координација со Министерството за економија, Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии, Царинската управа и Кабинетот на ЗПВРМ за економски прашања, да го подготви барањето за консултации со Европската комисија и да го достави до Постојаната Мисија на РМ во Женева, најдоцна до 27.12.2018 година, како и да се организира средба со засегнатите компании од анти-дампинг постапката за челични производи отворена од страна на ЕУ, најдоцна до 20 јануари, 2019 година, за усогласување на решенија од воведувањето на заштитните мерки.

На оваа своја седница Владата на РМ ја разгледа и усвои Националната транспортна стратегија 2018 – 2030, како оперативен стратешки документ.

Се вчитува...

Една од целите на оваа стратегија е да се подобри економската ефикасност, сигурноста и пристапноста на транспортот, влијанието врз животната средина на постојните и идните транспортни активности и да се обезбеди интеграција со другите секторски политики, како и да се да се развијат активности, кои се однесуваат на слабостите во транспортниот сектор на регионално и национално ниво. Активностите да го опфаќаат периодот од 2018 до 2030 година со индикативна листа на проекти, активности и политики за реализација за периодот што го опфаќа стратегијата.

Владата на Република Македонија ја донесе Одлуката за донесување на Енергетскиот биланс на Република Македонија за 2019, како индикативен плански документ кој ги утврдува потребите од вкупните количества на енергија, како и видовите енергија во Републиката и можностите за нивно обезбедување со производство од домашните капацитети или од увоз.

На денешната седница Владата го прифати усогласениот текст на Меморандумот за соработка меѓу Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и Владата на Република Македонија за реализација на Проект „Носење промени – добро управување и ефективност во јавната администрација“.

На денешната седница, Владата на Република Македонија донесе одлука втори јануари да биде неработен ден за вработените во јавната администрација, со препорака истото да биде прифатено и од страна на приватниот сектор.

Извор: ТВ21