Една воспитувачка и 13 деца на претшколска возраст се ставени во изолација, откако беше потврдено дека негувателката од групата е позитивна на коронавирус. Станува збор за градинката „Коца Василева“ во Битола. Во оваа градинка, пред три недели беше регистриран уште еден случај на негувателка кај која е утврдено присуство на Ковид-19, поради што 5 деца и 5 вработени се испратени во изолација. Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, вели дека градинките продолжуваат со работа и уверува дека сѐ е под контрола.
Инаку, во изминатово деноноќие битката со коронавирус ја изгубија 4 пациенти. Министерството за здравство информира дека за 24 часа се направени 387 тестови, од кои 48 излегле позитивни на коронавирус. Институтот за јавно здравје регистрираше 61 излекуван пациент. Директорот на Центарот за јавно здравје-Скопје, Александар Стојанов, вели дека онаму каде се почитуваат мерките, бројот на новозаразени се намалува.
Вкупниот број на дијагностицирани со коронавирус во нашата земја е 17.674, а во моментов има 2.303 активни случаи.
.
