Спротивставени ставови на обвинителството и одбраната на судењето против разрешениот судија Ѓоко Ристов, обвинет за незаконско стекнување и прикривање имот. Во фокусот на судската постапка се најдоа форензичките докази поврзани со 350.000 евра, кои биле пронајдени скриени во ѕид во домот на неговите родители во Неготино.
Одбраната тврди дека при прибирањето на доказниот материјал биле направени сериозни пропусти и дека не биле почитувани домашните и меѓународните форензички стандарди.
Техничкиот советник на одбраната посочил дека фолиите во кои биле завиткани парите биле оставани на подот, со што постоела опасност од нивна контаминација. Дополнително, тврдел дека еден од форензичарите ракувал со потенцијални докази со скината заштитна ракавица, а за тоа не бил составен службен записник.
Според одбраната, ваквите неправилности ја доведуваат во прашање веродостојноста на прибраните траги и нивната употребливост во судската постапка.
Обвинителството, пак, ги отфрла овие забелешки како несуштински за предметот. Оттаму сметаат дека одбраната се фокусира на начинот на прибирање на доказите, без да ја оспори суштината на форензичкото вештачење.
Според обвинителството, биолошките траги пронајдени на фолиите и на другиот одземен материјал му припаѓаат на обвинетиот Ѓоко Ристов, а забелешките на одбраната не ја дискредитираат ваквата експертиза.
Во меѓувреме, родителите на Ристов тврдат дека нивниот син немал никакви сознанија за скриените пари. Според нивните искази, 350.000 евра биле нивна лична заштеда, обезбедена од продажба на земјоделски производи.
Судската постапка продолжува, а едно од клучните прашања останува дали оспорените форензички докази ќе бидат прифатени како веродостојни и релевантни за утврдување на одговорноста на обвинетиот.