Тринаесетгодишно дете е во исклучително тешка здравствена состојба откако било избодено со нож во тепачка во скопската населба Чаир, дознава Телма.
Инцидентот се случил на улицата „Македонско-косовска бригада“, а според информации до кои дошла Телма, во тепачката учествувале пет лица – четворица малолетници и едно полнолетно лице.
Во пресметката биле употребени ножеви и безбол-палки. Еден од малолетниците, роден во 2012 година, признал дека користел нож, но допрва треба да се утврди дали токму со тоа оружје му биле нанесени тешките повреди на 13-годишното дете.
Неговиот брат, кој е роден во 2007 година, засега одбива да даде исказ, објавува Телма, повикувајќи се на извори од Министерството за внатрешни работи.
Полицијата работи на целосно расчистување на случајот и на утврдување на улогата на секој од учесниците во тепачката. Во тек е прибирање на материјални и форензички докази.
Според информациите на Телма, се подготвува кривична пријава за обид за убиство, но конечната правна квалификација на делото ќе ја утврди надлежното обвинителство.