140 лица скокнаа по крстот во Вардар, православните верници го слават празникот Водици

Со поздравот, Бог се јави, навистина се јави, православните верници го празнуваат Водици, денот кога синот божји бил крстен во реката Јордан.

Студената вода на Вардар не ги исплаши 140-те пријавени кандидати за пронаоѓање на светиот крст, а се верува дека оној кој прв ќе стигне до него во текот на целата година ќе го прати добро здравје и бериќет. Оваа година крстот заврши во рацете на 25-годишниот Христијан Ниневски. 

Верниците кои денеска ги анкетиравме велат дека овие празници се моменти кога треба да бидеме сплотени.

Неколку изјави од анкетата која ја направивме:

„Многу сум задоволна, права христијанка сум и само така нека продолжат. Христијани сме многу само треба да се соединиме“.

„Дали во нашите глави може да го сочуваме македонското достоинство, верата, нацијата, јазикот културата, историјата и така натаму“.

Дел од посетителите беа гневни кон организацијата бидејќи мостот „Слобода“ беше под големо обезбедување и затворен,  па не можеше да се следи манифестацијата. Имаше и такви кои иако беа присутни, чинот на фрлање на светиот крст го следена на мобилните телефони преку директен пренос.

„Да беше улицата пуштена, па да имаше и тука место да гледаме. Од тука не гледам, само слушам“.

„Гледав од другиот мост малку, видов кога го фрлија“.

Во духот на православната христијанска традиција денеска беа осветени водите во повеќе општини низ земјата. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте „некрстени денови“ туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и други празници.

Репортер: Јовица Пауноски

Извор: ТВ21