Најмалку седум човечки животи згаснаа, а повеќе од сто лица се повредени во катастрофален судир на два воза во Египет. Несреќата се случила во близина на Каиро, кога еден патнички воз налетал на задниот дел од друга железничка композиција.
Според информациите од египетските власти, возот што се движел кон Фајум удрил во воз кој сообраќал кон Асуан. Силниот судир предизвикал излетување на повеќе вагони од шините и голема материјална штета.
Спасувачките служби веднаш започнале акција за извлекување на патниците, додека медицинските екипи ги транспортирале повредените во болниците во регионот.
Трагедијата предизвикала реакција и од државниот врв. Претседателот Абдел Фатах ал-Сиси побарал целосно расветлување на околностите и утврдување евентуална одговорност за несреќата.
Железничкиот сообраќај на погодената делница бил прекинат, а екипите со специјална механизација работат на расчистување на пругата.
Ова не е прва железничка несреќа во областа Ал-Ајат. Во септември годинава, во истиот регион се судрија два товарни воза, при што беа повредени двајца железнички работници.