Oколу 150 македонски државјани учествувале во војните во Сирија и Ирак како припадници на паравоени формации. Од нив, досега во земјава се вратени околу 80 лица информираат од МВР. Од таму додаваат дека генерално, нивните патишта до Сирија и Ирак минувале преку Турција, по копнен или по воздушен пат.
„Пред да заминат, лицата посетувале верски предавања на радикални имами, некои се радикализирале преку интернет (социјални мрежи), а некои преку лични контакти, од кои добиле и логистичка поддршка за нивно заминување и приклучување кон тамошните паравоени формации“.
Според уставот, учеството на македонски граѓани на странските боишта или војни, претставува кривично дело.
„Државјанин на Република Македонија кој спротивно на закон учествува во или се обучува од страна на странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија, ќе се казни со затвор од најмалку четири години“.
Самет Шабани Хоризон Сивитас, невладина организација која работи на рисоцијализација и правата на лицата кои биле во боиштата, вели дека институциите треба да направат програма со која на овие лица, по излегувањето од затвор да им се даде можност да се вклучат во општеството. Да им се даде финансиска и правна помош. Како што вели тој, ваква програма има направено Холадија.
„Овој феномен од институциите се перцепира како проблем од безбедносен карактер. Само во однос на безбедносниот ризик, и како последица на тоа, се прави стигматизација, предизвикуваат дискриминација, предизвикуваат шокови на семејствата“, изјави Шабани.
Според полициските акции кои ги водеше МВР изминатите години има околу 30 приведени лица кои биле учествувале во странски војни. Петтемина обвинети во 2016 година во случајот „Ќелија“ кои ја признаа вината добија затворски казни од две до четири ипол години.
Ова беше прв случај против лица кои заминуваат во странски војски и кои се борат на воените жаришта на Блискиот Исток откако во септември 2014 се воведени законски услови за кривично гонење за ова дело.
РЕПОРТЕРКА: АРБАНА Ќ КЛИМЕНТА