Бројот на загинати во Непал и Тибет се искачи на 734, додека се појавуваат нови закани. Свлечиште создаде уште едно преградно езеро во реката, а во исклучително тешки услови екипите за спасување се обидуваат да лоцираат повеќе од 930 работници заглавени во различни објекти на хидроелектрани.
Потрагата не запира ниту ноќе, ниту под поројниот дожд. Непалската армија спушти храна во тунелите на хидроелектраната кај тешко погодениот град Тришули, но сè уште нема воспоставен контакт со преживеани.
Во меѓувреме, Кина соопшти дека ги евакуира спасувачите распоредени во близина на однесениот граничен премин. Причината е новата брана од одрони што се формира на околу три километри од веќе постоечкото преградно езеро. Нивото на водата во двата басени се следи постојано поради ризик од прелевање или пробивање на браните.
Во Катманду пристигнаа пратки со критично потребни медицински залихи.
„Здравствените установи се разурнати, а луѓето очајно имаат потреба од помош. СЗО се обидува да ги процени потребите и на Владата на Непал да ѝ обезбеди што е можно поголема поддршка во овој момент“, изјави д-р Балвиндер Синг Чавла од Светската здравствена организација.
Помош испраќаат и Обединетите нации, но од организацијата предупредуваат дека пресечениот терен и дождовите ја отежнуваат доставата. Според прогнозите, врнежите ќе продолжат најмалку до утре.