159 илјади невработени лица во Македонија – поради коронавирусот 13 илјади лица останале без работа

Во вториот квартал, над 159 илјади невработени лица се регистрирани во Северна Македонија, според последниот извештај на Државниот завод за статистика. Во споредба со првиот квартал од 2020 година, вкупниот број на невработени е зголемен за околу 3 илјади граѓани.

Се вчитува...

Но, со оглед на тоа дека бројот на невработени е зголемен за само околу 3 илјади луѓе, во колоната за вработени лица разликата е голема помеѓу двата квартала. Во првиот квартал, како вработени се регистрирани над 811 илјади лица, додека во вториот квартал оваа бројка се намалила  за 17 690, односно има над 793 илјади вработени.

Но, зошто има толку голема разлика?

Од Заводот за статистика објаснуваат дека ова се случува како последица на КОВИД-19, при што е намален бројот на активното население.

„Од податоците може да се забележи зголемување на бројот на неактивно население на возраст од 65 години и повеќе, кое може да биде резултат на исполнување на услови за пензионирање или пак поради други причини.

Можно е и зголемувањето на бројот на неактивно население да е резултат поради неформалната вработеност што е причина поради која лицето активно не бара работа.

Во групата на неактивно население се вклучени и лицата кои активно не барале работа, но ако им се  понуди работа би прифатиле да работаат“.

Од Агенцијата за вработување, директорката Билјана Јовановска, за ТВ21 вели дека од вкупниот број на запишани како невработени лица во Агенцијата, на 12 580 лица им престанал работниот однос по 11 март 2020 година.

Од нив евидентирани како невработени од преработувачката индустрија се околу 38%, околу 20% од трговијата на големо и мало, додека околу 8,2% од активноста на сместувачките капацитети и услугите за храна.

Најновите податоци на Агенцијата за вработување покажуваат дека во земјата има над 9.000 слободни работни места.

Исто така, има слободни работни места за 199 програмери и 99 инженери за ИТ, 91 касиери, 90 готвачи, 84 возачи на автобуси, 84 администратори и 79 техничари за помош на корисници.

Скопје е град со најмногу слободни работни места, односно 5.132. Следува Штип со 485 и Куманово со 398 слободни места. Помалку слободни места има во Ресен – четири, во Крушево и Кратово два и во Валандово едно слободно место.

.

Извор: ТВ21