Засилена сообраќајна контрола насочена кон безбедноста на пешаците спроведе Министерството за внатрешни работи на територијата на целата држава. Во текот на вчерашниот ден биле санкционирани вкупно 166 пешаци.
Контролата ја спроведе Секторот за сообраќајни работи при МВР, во периодот од 09:00 до 15:00 часот, при што најголем дел од санкциите се однесувале на небезбедно преминување на улица.
Од вкупно санкционираните 166 пешаци, 137 биле казнети поради преминување на улица надвор од обележан пешачки премин.
За време на акцијата биле констатирани и санкционирани уште 167 други видови сообраќајни прекршоци.
Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови, со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, а особено до пешаците коловозот да го преминуваат исклучиво на обележани пешачки премини.
„Непочитувањето на сообраќајните правила ќе биде санкционирано“, посочуваат од МВР, повикувајќи на поголема одговорност и внимателност во сообраќајот.