Свет

17 загинати во обилните снежни врнежи во Јапонија

17 загинати во обилните снежни врнежи во Јапонија

Во обилните снежни врнежи во Јапонија загинаа 17 лица, повеќе од 90 се повредени, а стотици домови останаа без струја, соопшти канцеларијата за заштита од пожари и управување со катастрофи, цитирана од Асошиетед прес.

Обилните снежни врнежи започнаа во северниот дел на земјата минатата недела, заглавувајќи стотици автомобили на патиштата, предизвикувајќи проблеми со снабдувањето и убивајќи 11 лица до сабота. Повеќе снег падна во текот на викендот, со што бројот на загинати се искачи на 17, а повредени на 93, соопшти службата. Многу од нив паднале додека го чистеле снегот од покривите на куќите или биле затрупани под големи купишта снег што се симнале од покривите.

Локалните власти во областите погодени од снег ги повикаа жителите да бидат внимателни при чистењето на снегот и да не дејствуваат сами.

Во градот Нагаи, префектурата Јамагата, во саботата снежната покривка достигна повеќе од 80 сантиметри. Многу области во североисточна Јапонија објавија три пати повеќе од просечната количина на снег во сезоната.

Речиси 20.000 домови останаа без струја вчераутро на најсеверниот главен остров во Јапонија, откако обилните снежни врнежи предизвикаа прекин на електричната енергија. Властите соопштија дека струјата била вратена во повеќето области подоцна во текот на денот.

Според податоците на Министерството за транспорт, во северниот дел на земјата вчера привремено беа запрени десетици возови и летови, но сообраќајот потоа во голема мера беше обновен.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни