Новинарот не треба да го претвора интервјуто во лична дебата со соговорникот, без разлика колку се различни нивните ставови, порача Ерол Шакири во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
„Ѕвезда на вечерта е гостинот што сме го поканиле. Ние сакаме тој да одговори на нашите прашања“, истакна Шакири.
Според него, кога новинарот ќе почне да разменува лични мислења со соговорникот, интервјуто прераснува во дебата, а фокусот се оддалечува од одговорите што ги очекува јавноста.
Шакири нагласи дека новинарите не се аполитични и имаат сопствена визија за развојот на државата, но дека личните убедувања не треба да ја нарушуваат професионалноста при водењето интервјуа.
Тој најави дека и во иднина ќе ги изнесува своите ставови преку колумни, одвоено од телевизиските интервјуа.