Да се постави вистинското прашање и да се добие конкретен одговор од соговорникот е еден од најголемите предизвици во новинарството, истакна Ерол Шакири во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според него, политичарите често се обидуваат да избегнат директен одговор, користејќи демагогија и заобиколувајќи ја суштината на поставеното прашање.
„Уметноста на нас новинарите е како за време на интервјуто да дојдеме до тој момент каде што ќе го извлечеме токму она што треба да го извлечеме. Тоа не е секогаш лесна работа, особено со политичарите“, посочи Шакири.
Тој нагласи дека новинарите и медиумските работници имаат професионална обврска постојано да се борат за вистината и да ја пренесуваат до јавноста.