Голема потрага, ангажирани безбедносни тимови, дронови со термални камери и предупредувања до населението, но без очекуваниот резултат. По повеќе од 24 часа пребарување на шумската област северно од Истанбул, турските власти соопштија дека животното по кое се трагало всушност не е лавица, ниту припадник на друг вид голема мачка.
Потрагата започнала откако на безбедносни камери биле забележани снимки од животно во населбата Ускумрукој, во општината Саријер, за кое првично се претпоставувало дека е лавица. Снимките предизвикале загриженост кај локалното население, а властите презеле обемна операција за да го пронајдат животното.
Во акцијата биле вклучени експерти за заштита на животните, полицијата и специјални единици. На жителите им било препорачано да останат во своите домови, додека пристапот до шумската област од околу 54 квадратни километри северно од Истанбул бил ограничен.
Тимовите ја пребарувале областа и од воздух, со помош на дронови опремени со термални камери. Биле поставени и мамки, како и камери со сензори за движење, но не биле пронајдени докази дека во областа има лав.
По анализата на дополнителните видеоснимки, кабинетот на гувернерот на Истанбул соопштил дека животното не е ниту лав, ниту кој било друг вид голема мачка.
Неочекуваното соопштение предизвикало дополнителна збунетост кај граѓаните, кои сега се прашуваат какво животно всушност било забележано. На социјалните мрежи се појавија различни претпоставки, а дел од корисниците се пошегуваа дека можеби станувало збор за големо куче или обична домашна мачка.
И покрај официјалното соопштение, во дел од медиумите се појавија и дополнителни снимки од животно кое излегува од грмушките, со што повторно се отвори прашањето што точно било забележано во истанбулската населба.