Граѓаните добиваат лажни СМС-пораки со кои се бара итно плаќање на наводни долгови за паркирање, а во нивно име се злоупотребува ЈП „Паркинзи на Општина Центар“. Од претпријатието предупредуваат дека станува збор за интернет-измама, преку која измамниците се обидуваат да дојдат до лични и банкарски податоци на граѓаните.
Во пораките се наведуваат неплатени обврски за паркирање, а примателите се упатуваат на лажни интернет-страници преку кои треба да извршат уплата. Дополнително, се испраќаат закани за парични казни од најмалку 20.000 денари, како и за суспензија на регистрацијата на возилото доколку не се плати побараниот износ.
Од ЈП ПОЦ категорично демантираат дека пораките се испратени од нивна страна и апелираат граѓаните да не наседнуваат на ваквите обиди за измама.
„Апелираме до граѓаните да не одговараат на ваквите пораки, да не ги отвораат линковите содржани во нив, да не внесуваат лични податоци и податоци од платежни картички и да не вршат уплати преку овие линкови“, наведуваат од претпријатието.
Доколку некој веќе внел податоци од платежна картичка или извршил уплата, потребно е веднаш да ја контактира својата банка и случајот да го пријави во Министерството за внатрешни работи.
За проверка на евентуални неплатени обврски за паркирање, граѓаните треба да ги користат исклучиво официјалните канали на ЈП ПОЦ: веб-страницата www.poc.mk, електронската адреса info@poc.mk или телефонските броеви 02/3212-488 и 02/3212-489.
Од претпријатието повикуваат на зголемена внимателност за да се спречат финансиски штети и злоупотреба на личните податоци.