Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, преку објава на Фејсбук ги демантираше наводите дека учествувал во сообраќајна незгода. Според него, возилото заглавило во кал на раскопан тротоар, а пријатели и случајни минувачи помогнале да биде извлечено.
„Немаше никаква сообраќајна незгода. Возилото заглави во калта на раскопаните тротоари и мораше да биде извлечено бидејќи шлајфуваше“, напиша Шилегов, додавајќи дека снимката што предизвикала реакции најверојатно била направена при извлекувањето.
Тој наведува дека возилото било извадено за помалку од десет минути, по што со пријателите заминале на кафе.
Шилегов порача дека не е повреден и дека, според него, ниту возилото не е оштетено.
„Добар сум, ништо не ми е, а нормално ни возилото не е оштетено – ќе треба да се измие од калта“, наведе тој.
Во објавата им се заблагодари на луѓето што помогнале и на оние што изразиле загриженост, истакнувајќи ги солидарноста и човечноста.
Истовремено, упати остра реакција кон дел од коментарите на социјалните мрежи, кои ги оцени како злонамерни и тенденциозни.