Над 35 лица беа уапсени доцна синоќа од српската полиција на седмиот протест против изборните манипулации за време на парламентарните и локалните избори што се одржаа на 17 декември.
Протестот го организираше опозициската коалиција „Србија против насилството“. Се одржа пред Републичката изборна комисија, но подоцна толпата се собра пред зградата на општина Белград. Демонстрантите се обидоа да упаднат во зградата, но полицијата интервенираше и ги спречи да влезат во просториите на општината. За време на протестот имаше бројни инциденти. Некои од учесниците кршеле прозорци, врати, како и камери за видео надзор, јави државната телевизија.
Полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите.
Околу 22 часот по македонско време полицијата целосно ги растера демонстрантите и ги избрка новинарските екипи кои беа пред зградата на општина Белград. Во тоа време во зградата влезе и министерот за внатрешни работи Братислав Гасиќ.
За време на протестите, претседателот Александар Вучиќ даде три вонредни изјави. Тој најави дека имало состанок на Советот за национална безбедност поради обидите за „насилно преземање на државните институции на Србија“. Тој потврди дека се приведени 35 лица и дека има двајца повредени полицајци.
„Како не ви е срам! Без поддршка од народот, сакате власт. Не се плашам од протести. Штом дознав за нив, отидов до претседателството и влегов преку службениот влез, за да разберете дека сум со народот“, изјави Вучиќ за ТВ Пинк обраќајќи и се на опозицијата.
Според него, „демонстрантите трчале како зајаци кога сфатиле дека доаѓа жандармеријата“. Вучиќ се закани дека ќе ги гони „сите, вклучително и таканаречените политичари, за нивното насилно однесување“.
Српскиот претседател ги повика граѓаните да не се грижат. „Србија е сериозна земја. Ќе се спротивставиме на сите и ќе ги победиме оние што сакаат да и наштетат на земјата“, рече тој и додаде: „Ова не е револуција. „Државата има доволно сили да ја заштити демократијата. Сите насилници ќе бидат уапсени“, рече и Александар Вучиќ.
Една од лидерите на „Србија против насилство“, Мариника Тепиќ, веќе седми ден штрајкува со глад поради изборните манипулации.
