За време на топлотен бран, многу луѓе користат клима уред. Сепак, постојат работи што треба да се избегнуваат за да се постигне најдобра ефикасност и да не се троши непотребно енергија. Да се претвори домот во фрижидер кога надвор е пеколно, може да изгледа примамливо, но тоа не е најпаметен потег ако сакате клима уредот да остане во добра состојба.
Всушност, можно е да правите грешки кои може да го оштетат системот за ладење на домот – и на долг рок, да ве чинат повеќе пари.
„Најлошите проблеми со клима уредите обично почнуваат со добри намери и завршуваат со скап сервис“, вели експерт за градежништво за Real Simple. „Сум видел луѓе како ги прегреваат своите уреди обидувајќи се да ‘оптимизираат’ работи кои не ги разбираат целосно – обидувајќи се да заштедат енергија, да го забрзаат ладењето или да насочат повеќе воздух во една просторија“. А последното нешто што го сакаме е работите да тргнат наопаку токму кога најмногу ни треба разладување!
Еве што не треба да му правите на вашиот клима уред за време на топлотен бран:
Поставување на премногу ниска температура
Според експертите, најлошото нешто што можете да го направите е да ја намалите температурата на најниско мислејќи дека така ќе се излади побрзо. „Климата лади со ист интензитет без разлика на поставената температура“, објаснува тој. „Само создавате дополнителен притисок врз системот, што може да ја зголеми сметката за струја без да ви биде побрзо пријатно“.
Се препорачува да се зголеми термостатот за неколку степени и да се користат тавански вентилатори за циркулација на воздухот – така просторијата ќе се излади без да се преоптовари уредот.
Запоставени филтри = поголеми сметки
Тоа што не ги гледате, не значи дека не треба да ги чистите! Филтрите често се забораваат, но се клучни. Ако се затнати, се ограничува протокот на воздух, системот работи потешко, сметките се зголемуваат, а може и уредот да се расипе.
Експертите советуваат проверка на филтрите секој месец и нивна замена на секои три месеци – или почесто ако имате миленици или алергии. За време на лето, проверката треба да биде уште почеста.
Затворање на врати и отвори – грешка
Иако логично звучи да се затворат неупотребуваните простории или отвори, експертите велат дека тоа е грешка. Тоа ја нарушува рамнотежата на HVAC системот, го зголемува притисокот во цевките, може да предизвика истекување или намалена ефикасност.
Подобро е да ги оставите отворите за вентилација отворени и да користите програмабилен термостат за ефикасно управување со температурата. Исто така, внатрешните врати треба да останат отворени.
Погрешно лепење на споеви
„Често гледам луѓе како затвораат канали со ленти или пени кои не се одобрени за HVAC системи“, велат експертите. Неправилните материјали брзо се оштетуваат и доведуваат до загуба на воздух. Затоа, најдобро е да повикате професионалец за правилна инспекција и запечатување.
Игнорирање на предупредувачки знаци
Ако забележите необични звуци, нестабилна температура или зголемени сметки, веднаш реагирајте. Луѓето често ги игнорираат овие рани знаци сè додека не дојде до голем дефект.
„Тие често укажуваат на мали проблеми кои се евтини за поправка ако се фатат навреме, но стануваат многу поскапи ако се занемарат“, предупредуваат експертите.
