Собир на граѓани без маски. Вака се славеше по објавувањето на првичните резултати на парламентарните избори. Политичките партии заедно со нивните милитанти во текот на славењето по завршувањето на изборите ги заборавија препораките и мерките за заштита од пандемијата. Во врска со тоа дали е можно да расте уште повеќе бројот на заразени со Ковид-19, директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети, вели дек тоа ќе стане јасно по седум дена.
„Случаите на славење од разните политички партии ноќта на изборите по објавувањето на резултатите, со оглед на тоа дека има такво прекршување и не се почитуваа препораките, останува да видиме во период од 7 до 10 дена, како ќе резултира“, Шабан Мемети – директор на ИЈЗ.
Тој додаде дека постои голем ризик доколку заразено лице учествувало на овие собири.
„Се поставува прашањето колку лица заразени со Ковид-19 учествувале на овие прослави. Колку е пренесен вирусот, и колку е проширен, тоа е најважно“, Шабан Мемети – директор на ИЈЗ.
И епидемиологот Жарко Караџовски, рече дека треба да поминат 7 дена за да видиме дали ќе имаме нов кластер, кој произлегува од изборната кампања.
Прашавме и во МВР колку лица биле казнети на денот на изборите кога се славеше без маски и дистанца. Од таму добивме општ одговор дека на 14 и 15 јули се регистрирани 104 случаи на прекршување на препораките за носење маска.
.