Македонија

Партиите молчат, но теренот се подготвува – „Ако не успее ДУИ со премиер Албанец, да замине во опозиција“, вели Села

Политичките партии иако со неформални разговори го подготвуваат политичкиот терен за преговори за идната коалициона Влада, во јавноста се децидни дека немаат никакви средби ниту пак се отвора оваа тема меѓу нив. Од друга страна се опипува пулсот со шпекулации кои потоа се отфрлаат како лажни веста. Последната меѓу нив е и онаа за ротационен премиер, по што потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири напиша – Гладна кокошка просо сонува. На кого се однесува, тој не сакаше да коментира, но запрашан за можни контакти пред официјалните преговори, за ТВ21 тврди дека се уште нема.

„Нема се уште никакви средби ниту било какви разговори. Заев е на одмор, а и поголемото раководство на СДСМ е на одмор. Преговори ќе почнеме откако ќе добиеме мандат, но како ќе течат можам да кажам дека сме отворени за соработка со сите и сите опции ќе ги разгледаме“, истакна Мухамед Зекири.

Бујар Османи пак по средбата со холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп преку фејсбук статус порача дека останува на водечките политички претставници да обезбедат стабилно политичко мнозинство.

„Констатирав дека со својот глас граѓаните ни дадоа јасна порака за тоа што очекуваат, каква сакаат да биде, како и тоа кој тие сметаат дека треба да ја предводи идната Влада; останува на водечките политички претставници да обезбедат стабилно политичко мнозинство преку кое ќе ја оправдаат оваа доверба и ќе ги реализираат легитимните барања на граѓаните“, истакна Бујар Османи.

Дека немаат никакви разговори ниту контакти со другите политички партии, тврди и претседателот на Алијанса на Албанците Зијадин Села. Рече и дека ќе почекаат прво да се одржи конститутивната седница на Собранието па потоа ќе видат што ќе направи ДУИ. Доколку почнат преговори најави дека еден од условите е албанскиот јазик да влезе во Уставот, а не како сега да се водат со јазикот на над 20 проценти од населението.

„ДУИ низ целата кампања имаше само едно ветување – Албанец премиер. Нека го прави, ние нема да го спречиме во таа цел. Ако не успее тие сами треба да си одат во опозиција. Нема мандатар уште. Откако ќе се конституира Собранието тогаш веќе почнува периодот, некој ќе си добие мандат и тогаш почнуваат преговорите“, вели Зијадин Села.

Ниту од опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема информации дали има напредок во нивното очекување дека ќе формираат мнозинство и ќе водат преговори за формирање Влада. Мицкоски деновиве само рече дека се отворени за разговори со сите политички партии.

.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни