Членовите на новиот состав на Државната изборна комисија дадоа свечени изјави пред спикерот Џафери. Се заколнаа дека ќе работат совесно и одговорно во согласност со Уставот и законите. Претседателот Даштевски вели дека партиската поддршка завршува со нивниот избор. Смета дека тој бил „најнепартиски“ од сите во комисијата, бидејќи како што додаде не е формално член на ниту една партија.
Првиот човек на ДИК, кој беше избран на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека приоритет ќе бидат активностите и подготовките за организирање на локалните избори во октомври. Даштевски појасни дека тие не можат да иницираат предлог за измени во Изборниот законик бидејќи немаат надлежност. Уверува дека ќе ги спроведуваат законските решенија кои ќе се донесат во законодавниот дом.Тој нема информации за набавката на терминалите за отпечаток на прсти, кој според новата регулатива треба да се применат на локалните избори.
Во новиот состав на ДИК останаа Радица Ристеска и Борис Кондарко од СДСМ, а им се приклучи поранешниот заменик министер за правда Оливер Ристовски.
На предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, нов член е Бобан Стојановски. Дитмире Шеху од ДУИ, останува на досегашната позиција потпретседател на ДИК. Новина е што местото кое досега го држеше Движењето БЕСА го зема Алијанса на Албанците. Нив претставник е Кренар Лога.