Македонија

Македонија први вакцини доби од Србија, в среда започнува вакцинацијата!

На граничниот премин Табановце денеска стигна првата пратка од вакцини на „Фајзер“, донација од Република Србијја. Првите 4.800 од предвидените 8.000 вакцини против Ковид-19 на премиерот Зоран Заев му ги предаде српскиот претседател Александар Вучиќ.

Премиерот Зоран Заев примопредавањето на вакцините го оцени како чин на огромна солидарност, пријателство и прва помош од братскиот српски народ кон македонскиот народ и искрен чин на пријателство.

-Иницијативата е на претседателот Вучиќ со кој редовно имаме комуникација и сакам да му се заблагодарам и на него и на премиерката Брнабиќ и на сите луѓе кои работеа сите овие денови. Веројатно првпат се случува да се добие една ваква согласност од „Фајзер“ која веројатно ќе значи многу помош насекаде во светот преку вакви акти на солидарност, рече Заев.

Ова, додаде, е првата пратка, а овие денови ќе стигнат и останатите вакцини.

-Многу е важно што првите вакцини  во нашата земја стигнаа токму од братска и пријателска Србија и што ќе ги покријат сите здравствени работници – лекари, медицински сестри и сите што работа во ковид центрите ширум земјава, потенцира премиерот.

Имаме договор кој го потпишавме со „Фајзер“ кога нарачавме голема количина вакцини. Всушност направивме билатерален договор со „Фајзер“ согласно кој немавме право на никаков начин да ги оттуѓуваме вакцините. Токму тоа беше причината што доцни примопредавањето на вакцините, порача денеска српскиот претседател Александар Вучиќ на граничниот премин Прешево-Табановце.

-Ние не можевме да ги донесеме сите вакцини, бидејќи сите земји, а и некои фирми работат на заштита на своите производи. Затоа моравме на „Фајзер“ да му дадеме посебни гаранции дека ќе му го гарантираме начинот на транспорт на вакцините и дека вакцините ќе бидат исти како кога ние ги презедовме, рече Вучиќ во одговор на прашање по примопредавањето на 4800 од предвидени 8000 вакцини на „Фајзер“ против Ковид-19.

Има и земји, посочи, кои водат геополитички прашања на таков начин што велат ние сме тие кои одлучуваме. Не може Србија, ако добро се снашла, да одлучува каде ќе ги дава. Токму тоа беше проблемот во договорот поради што доцнат вакцините.

-Мене денеска ни малку не ми одговараше да доаѓам тука, но синоќа видовме дека ги завршивме сите процедури и веднаш се слушнавме со премиерот Заев и реков ајде да се сретнеме за луѓето што побрзо да ги добијат вакцините, бидејќи не им е грижа дали мене ми се доаѓа или не ми се доаѓа денеска. Така што навистина побрзавме и дадовме се од себе и тргнавме накај границата за да стигнеме на време веднаш кога добивме дозвола, потенцира Вучиќ.

Министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук-профил информира дека фрижидерите за чување на вакцините од „Фајзер“ се подготвени.

– Обучен и подготвен е техничи персонал кој ќе го следи нивото на температурата и запазувањето на сите стандарди, напиша Филиче.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни